Прва задача за идната влада на Мицкоски – на Мерко не смее да му се дадат медицински студии!

Немам ништо против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Ниту нешто посебно ми значи тоа што тој е на црната листа на САД.

Не ме интересираат ни деталите за постапката што е водена со цел на неговите медицински студии во основање да им се одобри акредитација.

Уште помалку ми значи објаснувањето зошто министерот во заминување Јетон Шаќири го потпишал решението за новиот Мерков погон за штанцање дипломи.

Едноставно, има причини поради кои некои нешта се нарекуваат – јавни тајни.

Една од таквите јавни тајни е дека Мерковиот универзитет е место каде што, како што се вели во реакцијата на коалицијата Влен, „низ годините, половина функционери на ДУИ, како и многу членови на нивните семејства, дипломирале преку ноќ, за да добијат државна работа“.

Влен најавува дека новата влада ќе ги преиспита сите дипломи што ги издал овој универзитет. И треба. Влен е во право кога вели дека со „бизнисите“ како овој на Рамиз Мерко, „Албанците се претставени со незнаење кое ги осиромашува и ги протерува од татковината“.

Но, граѓаните кои на изборите во април и во јуни гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, за Влен и за ЗНАМ, нема да имаат трпение да сочекаат како ќе заврши тоа преиспитување и што ќе значи тоа за одобрените медицински студии во Струга.

На избирачите кои гласаа за партиите кои ќе ја состават новата влада им беше ветено дека конечно ќе престане праксата на упропастување на државните институции и на општеството во целина, со производство на некомпетенција, со форсирање на неспособните и партиски подобните, со клиентилизам и со корупција.

Ова е тоа!

На избирачите им беше ветено дека ова е тоа што ќе запре и што веќе нема да се повтори.

Како граѓаните ќе ѝ веруваат на новата влада, како ќе веруваат дека во иднина шанси ќе добијат способните и дека така ќе запре иселувањето на младите од Македонија, ако таа беневолентно ги прифати шверцуваните медицински студии на Мерко како завршена работа?

Внимавајте, за почеток тие студии ќе штанцаат дипломи за медицински сестри, а подоцна сигурно и за лекари. Тој медицински кадар ќе ги полни амбулантите и болниците на јавното здравство, а ние после ќе се чудиме зошто имаме најлошо јавно здравство во регионот и веројатно во цела Европа.

Може ли тоа да го дозволи новата влада, која треба да се озваничи во следните неколку дена?

Јас мислам дека не може.

Овој скандал, кој на новата влада ѝ е подметнат како кукавичко јајце, едноставно, ќе доведе до сериозно поткопување на довербата во неа на самиот почеток. Ако не сторат ништо во врска со ова, уште неседнати во своите фотелји, премиерот и министрите ќе добијат голем минус од граѓаните.

Затоа, очекувам новата влада да не му дозволи на Рамиз Мерко да отвори медицински студии. Без оглед какви комисии одлучувале за ова прашање и кој оценил дека неговиот универзитет има кадар, наставно-научна база и капацитети да произведува медицински кадар, никој не може да ги убеди граѓаните дека тоа не е уште една шарена лага, уште една корупциска зделка, уште една компромитација и понижување на македонската наука и на македонското здравство.

Не знам како точно може да се спречи овој, се надевам последен последен скандал на власта на ДУИ и на СДСМ, но сигурен сум дека мора да постои начин решението на министерот Јетон Шаќири да се стави вон сила.

Ете, иако непланирано, тоа ќе биде првата задача на новата влада.

Првата равенка.

Првиот тест на кредибилитетот.

Очекувам тестот да биде положен со чиста десетка.

Ништо помалку од тоа!

 

Оргиналната колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

Прва задача за идната влада на Мицкоски – на Мерко не смее да му се дадат медицински студии!