Со највисоки државни и воени почести, денеска напладне на платото пред Владата на Република Македонија на црвениот тепих, беа пречекани премиерот Бојко Борисов и членовите на високата државна делегација на Република Бугарија, со интонирање на државните химни, поздрав на знамето на Република Македонија и со обиколка на почесната Гардиска единица.

Бугарската делегација во Скопје пристигна за потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, којшто дел од експертите и медиумите во Македонија, веќе го оценија како историски чин во развојот на односите меѓу двете земји а дел како предавство на македонските национални интереси.

На посебна церемонија двата премиера го потпишаа договорот, што според властите на обете земји, треба да претставува пресвртница во односите и во меѓусебната соработка.

На денешната церемонија, беа потпишани и меморандуми за соработка од ресорните министри за транспорт, енергетика и економија, за развој на железничката инфраструктура и поврзаност меѓу двете земји, како и за соработка во областа на природниот гас.

Премиерот Борисов во Скопје се среќава и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а  ќе има средба и со лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, која најави дека нејзините пратеници нема да го поддржат Договорот со Бугарија во Собранието.

Официјалната посета на бугарската делегација на чело со премиерот Борисов, продолжува утре на националниот празник на Репубика Македонија Илинден, со заедничко чествување во црквата „Свети Спас“, каде покрај обраќањето на домаќинот Заев, двата премиера ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.