Протест за пресудите за „Диво насеље“ и во Скопје в недела

Неколку медиуми на албански јазик најавуваат дека протестите за пресудите за „Диво насеље“ од Косово ќе се преселат во Македонија, и тоа веќе в недела во Скопје.
Новинската агенција „Илирија“ (ina-online.net) објави леток/плакат во кој се најавува протест за в недела од 13 часот на плоштадот „Скендербег“ против „криминалните, расистички одлуки на судот во Скопје“ за кумановската група.
За овој протест порталот „Журнал“ (zhurnal.mk) наведува дека го организираат „некои невладини граѓански иницијативи“. Собирот треба да почне на плоштадот „Скендербег“ и да заврши пред Основниот суд Скопје 1.
Порталот „Порталб“ (portalb.mk), пак, известувајќи за денешниот протест во Приштина, пишува: „Како знак на револт против полицијата (која не им дозволи да се доближат до македонската амбасада – н.з.), демонстрантите велат дека ‘ова не е единствениот протест и оти протести се очекуваат и во Скопје“.