Официјалната страница на фудбалскиот клуб ЦСКА Москва денеска објави дека клубот и обложувалницата “BETCITY” потпишале договор за спонзорство кое ќе трае пет години. Зад познатата обложувалница стои Сергеј Самсоненко, првиот човек и сопственик на Европскиот машки ракометен првак Вардар, но и на континенталниот вицешампион во женска конкуренција ЖРК Вардар, како и на освојувачот на трите последни круни во Фудбалскиот шампионат на Македонија, ФК Вардар.

Во моментов не е јасно дали тоа ќе се одрази на соработката на црвено црните екипи односно на вложувањата на Сергеј Самсоненко, за кои, тој самиот пред два месеца рече дека изнесувале седум милиони евра.

“Ова е почеток на една убава соработка, а нашата компанија за спортско обложување секогаш сака да го помага и популаризира спортот во нашата земја. Се надевам дека оваа соработка ќе биде значајна и долгорочна и дека ќе се темели на идни заеднички успеси“, рече Самсоненко по договорот со претседателот на ЦСКА Москва Евгени Гинер.