Почнува Параолимпијадата во Париз, Македонија со шампионката од Лондон, Наковска-Бикова

Стрелачката Оливера Наковска-Бикова ќе биде единствениот македонски спортист на 17. Летни параолимписки игри во Париз, чие свечено отворање е закажано за вечерва од 20 часот на плоштадот „Конкорд“.

Наковска-Бикова ќе стартува на 31 август од 12 часот во квалификациите во нејзината најсилна дисциплина – 10 метри со воздушен пиштол, во која го освои златниот медал на ПОИ 2012 во Лондон и на Европското првенство 2022 во Хамар, Норвешка, како и уште четири медали (еден сребрен и три бронзени) на мундијалите.

На 2 септември од 9 ч. таа ќе се натпреварува со пиштол на 25 м, а два дена подоцна од 12 ч. ќе стрела со пиштол од 50 м, дисциплина во која беше четврта на претходните ПОИ 2016 во Рио де Жанеиро, а има и светска титула од Аин, Обединети Арапски Емирати, пред две години!

Наковска-Бикова беше македонски знаменосец пред четири години во Рио, но нејзиниот тренер Бранимир Јовановски, параолимписки првак во стрелаштво од Барселона 1992, реши таа да се посвети на што поуспешниот настап на стрелиштето во Шатору, па знамето на Македонија вечерва ќе го носи волонтер на Игрите.