Почнува изградбата на ГП Маркова Нога – Герман

Утре, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, премиерот Христијан Мицкоски и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, ќе присуствуваат на почетокот на градежните работи за граничниот премин Маркова Нога – Герман на македонско грчката граница.

Преминот, кој беше затворен 58 години, ќе добие нов царински комплекс и инфраструктура, а проектот е финансиран во рамките на програмата „ЕУзаПреспа“.

Жителите наместо за 2 километри до најблиското село Роби на грчка страна, моментално за во Грција треба да минат 150 километри, односно да вртат преку преминот „Меџитлија“ кај Битола.
Изградбата на граничниот премин е дел од финансиската програма „ЕУзаПреспа“, вредна 21,5 милиони евра. Од оваа сума, Европската Унија финансира 18 милиони евра (84%), додека остатокот се обезбедува од националниот буџет.

Повторно отворање на граничниот премин кој беше затворен повеќе од половина век беше најавено уште со потпишување на Преспанскиот договор во 2018 година.. Претходно оттука се минувало само со лична карта.

Во ноември минатата година Грција потврди дека ќе почне да се гради граничниот премин.

Очекувањата се дека граничниот премин ќе биде пуштен во употреба во 2028 година.