Потезите на Трамп ги одобруваат 53 отсто Американци

Според најновата анкета на Си-Би-Ес њуз, 53 проценти од Американците го одобруваат она што го прави американскиот претседател Доналд Трамп, а 70 отсто од испитаниците се согласиле дека тој го прави она што го ветил за време на кампањата.

Истражувањето спроведено од 5 до 7 февруари меѓу 2.175 возрасни граѓани на САД покажува дека 59 проценти од испитаниците ги поддржале плановите на Трамп за масовно депортирање на имигрантите без документи, а 64 отсто го поддржале неговото испраќање војници на границата меѓу САД и Мексико.

Неговите планови да создаде големи центри за притвор додека владата одлучува кој да биде депортиран добија поддршка од 48 отсто меѓу анкетираните, додека 52 отсто се спротивставија.

Додека мнозинството од анкетираните – 56 проценти – ги поддржаа тарифите на Трамп за увоз од Кина, плановите на Трамп да воведе царини за увоз на стоки од Мексико, Канада и Европа се во голема мера непопуларни и меѓу 56 и 62 проценти од анкетираните се противат, во зависност од земјата за која важат тарифите, според Си-Би-ес њуз.

Во исто време, 66 отсто од испитаниците рекле дека Трамп не се фокусира доволно на намалување на цените во земјата, како што рече дека би направил за време на кампањата.

Додека 54 отсто од испитаниците ја одобруваат политиката на Трамп во однос на војната меѓу Израел и Хамас, Американците досега се најкритични кон неговиот предлог САД да ја преземат Газа, а само 13 отсто од испитаниците рекле дека тоа би било „добра идеја“.