Потврдено: Сакале да тераат правда а го кршеле законот

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски ги потврди информациите дека на конкурс за јавни обвинители се пријавиле кандидати со фалсификувани дипломи за познавање на англиски јазик.

Според него потребна е меѓународна правна помош бидејќи сертификатите се издадени во странство.

– Кој можеше да предвиди дека ќе бидат употребени фалсификувани дипломи за познавање на странски јазици. Тое е се уште во фаза на сомневање, но дали ќе излезе нешто или не ќе се обратите во Основното јавно обвинителство – вели Петар Аневски, претседател на Совет на јавни обвинители.

Постапката против кандидатите за јавни обвинители се води за кривично дело „употреба на документи со невистинита содржина“ за што казната е до три години затвор. Под истрага се 33 од вкупно 122 кандидати кои конкурирале за 60 обвинителски места. Некои од нив, според наши извори, и во моментов работат како стручни соработници во македонските судови и во обвинителствата со што се поставува прашањето дали се суспендирани, бидејќи иако е предистражна постапка тие се сомничат за сериозно кривично дело.