Како што и беше најавено, а expres.mk пишуваше со сигурност, македонската ракометна репрезентација ќе се најде во вториот барабан при извлекувањето на групите за Европското првенство во Хрватска. Со нас во тој сад во жрепката в петок од 19 часот во Загреб ќе бидат и Данска, Шведска и Белорусија, што значи дека “црвено-жолтите” нема да играат со нив во првата групна фаза.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави во кој од четирите барабани ќе бидат сместени репрезентациите во пресрет на извлекувањето на групите за ЕП. Така носители се домаќинот Хрватска, Германија, Франција и Шпанија. Во третиот “шешир” се: Србија, Норвешка, Црна Гора и Чешка, а во четвртиот: Унгарија, Словенија, Австрија и Исланд.

Во пресрет на жрепката познато е и дека Хрватска своите натпревари ќе ги игра во А групата во Сплит, Норвешка, ќе биде во Б групата во Пореч, Словенија во Групата Ц во Загреб, а Унгарија во Д групата во Вараждин.