Постапката за разрешување на Коцевски ќе потрае, но Владата ја започна процедурата

Владата цврсто стои на ставот за разрешување на Љупчо Коцевски. Според најавите од Илинденска, на утрешната седница најверојатно ќе се усвои предлогот за разрешување на Републичкиот обвинител, кој го спрема Министерството за правда, па оттаму ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители – пренесе Алфа ТВ.

Дека процедурата нема да оди брзо, потврди и премиерот Мицкоски.  

  • Законот е јасен, не можеме ние како влада да го разрешиме државниот јавен обвинител, туку ние можеме да отпочнеме постапка за негово разрешување, сега како што јас имам информација, треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење, така што оваа процедура ќе потрае, истакна Мицкоски.

Според досега објавеното, Владата бара разрешување на Коцевски поради нарушен углед на обвинителството, низа скандали, нарушена функционаност и незаокнско постапување и корупција, неефикасност и повреда на самостојноста на обвинителите.

Обвинителскиот совет има рок од 15 дена да се произнесат. Ако во тој рок обвинителскиот совет, поради оправдани причини не го достави мислењето до Владата, имаат време уште 15 дена да кажат дали републичкиот обвинител сторил тешка дисциплинска постапка, како што смета извршната власт. Ако воопшто не одговорат на предлогот на Илинденска, процесот за разрешување на Коцевски продолжува во Собранието, каде извесно е дека пратениците ќе го разрешат.

Во законодавниот дом ќе треба да се избере и нов републички обвинител, но засега за наследник на Коцевски не се разговарало во владината коалиција. Сите партнери се согласни дека треба да биде професионалец, кој ќе ја врати довербата во правудството, што е и повеќе од катастрофална.