Ќе се воведат поригорозни мерки ако Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на храната по укинувањето на мерките, најави министерот за економија, Бесар Дурмиши. Според него, мерките во изминатиот период дале резултат, но и намалување на инфлацијата. Ограничувањето на маржите на храната и хигиенските производи придонело економијата да е постабилна, додава министерот. Што се однесува до поскапувањето на дел од производите деновиве, Дурмиши вели дека тоа било поради светските берзи.
- „Инфлацијата за април е практично нула, во споредба со март, имаме само 0.6% зголемување. Во споредба со април минатата година, инфлацијата е 2,6%, што значи не надминува 3% и е во стабилна фаза“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Од понеделникот во дел од маркетите наеднаш поскапеа голем број производи. Најдрастично зголемување од над 50% има кај хигиенските производи, како тоалетната хартија, влажните марамчиња и пастата за заби, а нови цени имаат и млечните производи, јајцата, месото, зејтинот. Ова следи откако мерките за замрзнати цени и маржи истече на крајот од април.
Откако заврши мерката за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, граѓаните реагираа дека поскапеле месото, млекото и млечните производи, а најмногу кафето. Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците, а Пазарен постојано врши контроли.
Според Државната статистика, трошоците на животот во април годинава пораснале за 2,6% во однос на април лани, додека цените на мало се зголемени за 2,7%.