По вчерашното провакативно поставување на знамињата на Албанија и ОНА од црквата и манастирскиот двор на тетовското кале, случајот веднаш бил пријавен во СВР Тетово по што полицијата ги отсрани.
„Вчера попладне во 17 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавено е дека непознати сторители на куполата од црквата “Свети Атанасиј” во истоимениот манастирски комплекс на тетовското Кале поставиле национално знаме на Република Албанија, а на метален столб на влезот во Калето било истакнато знаме со натпис УЧК.
Веднаш по пријавувањето, на местото е испратена екипа од СВР Тетово. Извршен е комплетен увид и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување и документирање на случајот“, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
На крајот на ноември се случи сличен инцидент кога од јарболот беше симнато знамето на македонската православна црква-Охридска архиепископија, во дворот на манастирот „Свети Наум охридски-чудотворец“, на Попова Шапка.
Знамето тогаш беше фрлено, а на негово место беше ставено знамето на Албанија. Тетовската полиција за само неколку часови го приведе сторителот.