„Политико“: Западната младина не сака да војува

Во екот на комеморацијата на Денот Д или истоварувањето на сојузничките војски во Нормандија во Втората светска војна европското издание на американскиот портал „Политико“ се позанимава со волјата на денешната западна младина да војува.

„Според сè, тие не се во самопожртвувачко предвоено расположение. Како што откри истражувањето во десетина земји од ЕУ спроведено за Европскиот совет за надворешни односи минатата година, испитаниците во само три земји – Полска, Португалија и Шведска – изразија јасна волја да ѝ се помогне на Украина да ја врати територијата што ѝ ја одзеде Русија. Пет други – Австрија, Грција, Унгарија, Италија и Романија – главно се залагаа за притисок врз Киев да прифати спогодба, додека во Франција, Германија, Холандија и Шпанија јавноста беше поподелена.

Уште поалармантно, анкетите на јавното мислење спроведени и во САД, и во Европа во последните неколку години ја истакнуваат неподготвеноста на младите да се борат дури и за своите земји – а камоли да ги одбранат сојузничките нации. Анкета на Универзитетот Квинипијак во 2022 година во САД откри дека само 55 проценти од Американците би останале и би се бореле соочени со инвазија, а повеќе од една третина рекле дека не би. Разгледувајќи ги бројките, две третини од оние на возраст од 50 до 64 години се изјанија дека ќе останат, додека оние на возраст од 18 до 34 години беа многу повеќе определени да му ја здувнат, а само 45 проценти од нив рекоа дека ќе останат и ќе се борат за својата земја.

Во меѓувреме, анкета на ‘Анхерд’ во Обединетото Кралство минатата недела откри дека, иако 54 отсто од Британците мислат дека земјата ќе биде во војна во рок од пет години, сепак, нема знаци на многу борбен дух. Дури и кога воените тапани стануваат сè погласни, само 29 отсто од младите меѓу 18 и 24 години рекле дека ќе ја бранат Британија од инвазија. Родителите на младите исто размислуваат како нивните потомци, а само помалку од една четвртина велат дека би сакале нивните деца да се борат за одбрана на државата.

Ниту континенталните Европејци не се многу повоинствени или патриотски настроени. Според Галуп, во случај нивната земја да биде вовлечена во војна, само 32 отсто од Европејците би биле подготвени да се борат“, пишува „Политико“.