Маркетите, но и аптеките, како и продавниците за техника и мебел од петок ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница. Оваа обврска е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи, а истите стапуваат на сила на 18 април (петок) откако по нивното усвојување во Собранието и објавата во Службен весник на 4. минатиот месец Министерството за економија во предвидениот рок од 45 дена изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало.

Според тој правилник, малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник).
Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Цените на стоките (тековната продажна цена, единечната цена, промотивната или попустната цена) за секој одделен продажен објект на трговецот се објавуваат на веб страницата соглaсно ставот (1) на овој член и ги содржат податоците утврдени во Прилогот, кој е составен дел на овој правилник.
Доколку од страна на трговецот се нудат промотивни или попустни цени, на веб страницата на трговецот треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и времетраењето на промоцијата или попустот. Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10:00 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.