„Или ќе нѐ примите во Владата по принципот ‘победник со победник’, или одиме на предвремени парламентарни избори“.
Ваков ултиматум до актуелната власт се крчка во кујната на Али Ахмети во Мала Речица, дознава од партиски извори на нтегративците „Плусинфо“.
Соговорници за порталот брифираат дека лидерот на ДУИ веќе сериозно крои планови од септември да го изнесе членството на улични протести кои би претставувале своевидна албанска варијанта на ‘Шарената револуција од 2016-та“ година.
ДУИ обвинува македонски партии за селективна правда
Плусинфо дознава дека протестите најверојатно би биле фокусирани во Скопје, но очекувано е да се мобилизираат и партиски симпатизери од Тетово, Гостивар и од другите градови, кои со автобуси би биле носени во главниот град.
Партиските извори за поталот брифираат и дека влијателни западни амбасадори во Скопје не ги одобруваат плановите на ДУИ, бидејќи се плашат дека тие водат кон дестабилизација на земјата во еден чувствителен период за поширокиот регион.
Вчера меѓу редови, портпаролот на ДУИ Арбр Адеми, најави дека нѐ очекува бурна и турбулентна есен.
Тој рече дека партијата од септември излегува на терен, откако на Централното претседателство во Мала Речица бил разгледан нацрт-драфтот на американскиот експерт Пол Вилијамс, кој беше ангажиран од интегративците за да изнајде решение за почитување на легитимитетот и мнозинството.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку партиско соопштение во кое наведува дека ДУИ планира агресивно делување за заштита на сопствениот криминал.
„Ахмети очигледно не ја научил лекцијата дека не треба да го потценува ВМРО-ДПМНЕ и дека сè што прави еден ден ќе му се удри од глава. Како што му се удри рушењето на принципот на коалицирањето ‘победник со победник’, кој тој го наруши во 2017 година. Нема да дозволиме една криминална банда да ја киднапира иднината на сите граѓани и кога нема да е на власт и кога ќе треба да се соочи со правда, да подбуцнува тензии во државата“, наведува партијата на Христијан Мицкоски.
Македонија е членка на НАТО и демократска држава во која мора да владее правото, се вели во соопштението.