„Плусинфо“: Кој подготвува терен за бегство на Крмзов?

Најмалку 65 милиони евра штета врз буџетот на Македонија утврдиле инспекторите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа во империјата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството Заеви.

Штетите се утврдени записнички, при контроли на десеттина фирми поврзани со Крмзов. За жал, во овој момент, претставниците на финансиските власти безуспешно бараат начин доказниот материјал да го предадат на обвинителството кое е одговорно за предистрагата за овој случај.

„Плусинфо“ дознава дека Обвинителството инсистирало записниците да ги добие преку МВР и при тоа смислувало еден куп бирократски изговори за одолговлекување на предистрагата.

– Записнички неспорно се констатирани финансиски малверзации и штети врз Буџетот од поврат на ДДВ преку фиктивни фирми и други штети. Кога осомничениот Крмзов ќе ги види записниците, а тоа е неминовно, бидејќи станува збор за процедура, тој ќе добие можност да прикрива докази, да влијае врз сведоци, а не би било изненадување да посака и да ја напушти Македонија. Се добива впечаток како Обвинителството намерно да му купува време токму за да испланира и да спроведе бегство – вели добро упатен извор за Плусинфо.

Доказите за финансиските малверзации, според нашите сознанија, се неспорни. Во поголем број случаи се спроведувани преку менување на основачи и управители на фирмите на Крмзов, кои потоа се препродавани на фиктивни купувачи на удели од Косово.

Така, на пример, извесен Б.Г. од Косово, наводно купил фирма од Крмзов, преку која се вршени малверзации. Името на старата струмичка фирма е променето во ново. Но, од косовската даночна администрација се добиени податоци дека не се евидентирани ни таква фирма ни такво лице. Очигледно е дека станува збор за фиктивна фирма.

Дека станува збор за сериозен и организиран криминал сведочи и фактот дека лицата како спомнатиот Б.Г. од Косово, не само што не се евидентирани во даночната администрација, туку нема запис дека ја поминале македонско-косовската граница со валидни патни исправи. Лажните купопродажби се евидентирани во нашиот Централен регистар, со фиктивно заверени нотарски документи.

– Треба да се утврди како овие наводни купопродажби биле заверени во Централниот регистар и кои нотари правеле фиктивни заверки. Веројатно станува збор за добро организирана криминална група, во која се инволворани луѓе од разни институции. Такви шеми сме имале и порано. И во времето на директорувањето на Сања Лукаревска со УЈП се расплеткуваше една таква мрежа за кражба на буџетски пари со поврат на ДДВ со финансиски малверзации. Веројатно ќе биде потребно МВР да ги отвори и истражните досиеја од тој период, за да се види што е пропуштено. Но, сега е најважно органите на кривичниот прогон да не губат време, бидејќи навистина сме на трагата на епски криминал, за кој веќе се обезбедени сигурни докази за повеќе вакви фирми и шеми, а ќе има и уште – вели изворот за „Плусинфо“.

Целата анализа на „Плусинфо“ на следниот линк: