Плусинфо: ВМРО – ДПМНЕ се ситни, Љубе и Љупчо примаат „вмровци“

Од првиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ и официјално е опозиција, според информации до кои дојде Плусинфо, се појавуваат симптоми дека на повидок е ситнење на членството на партијата, кое според анонимните извори на порталот, сака да премине во ВМРО-НП. Добро упатениот извор за Плусинфо вели дека деновиве во ВМРО-НП дури има воспоставено и редовна дежурна служба „која е задолжена да ги прима странките“.

– Тројца пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе преминат во ВМРО-НП, а деновите пред да се додели мандатот, дваесетина стари кадри од ДПМНЕ бараа прием во ВМРО-НП – вели нашиот извор.

Според изјавата дадена за Плусинфо на лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, „Груевски може единствено да се смени на конгрес по барање на членството, но бидејќи тој е под негова целосна контрола, единствен начин таа партија да се спаси од него е сам да одлучи да се повлече од раководството на партијата“.

– Членови на ВМРО-ДПМНЕ преминуваат и во Обединети за Македонија, конкретно од прилепскиот регион – вели лидерот на Обединети за Макеоднија, Љубе Бошковски.

Според него, тоа е процес кој ќе биде незапирлив.

– Веќе не останао ништо во ВМРО-ДПМНЕ за да биде спасено,според мене е како да се дава инфузија на мртов човек. Динамката на преминувањето во ОМ е со задоволително темпо, не е масовен процес, но интересот е масовен – вели Бошкоски.

Тој истакнува дека сепак, сè уште се воздржани околу приклучувањето и враќањето, затоа што не можат да вратат секого во ОМ.

– Прашањето за ВМРО-ДПМНЕ е многу сентиментално. И на тоа прашање, дали можеме да го вратиме, да опстојува… Што е партијата, ако не членството, ако не луѓето, тие што веруваат во идеологија. Ова е спротивно на идеологијата, ова е спротивно на заложбите на ВМРО. Ова е нешто кое што е за 360 степени извртено, за да наликува на идеолошкото ВМРО кое го основавме во 1990 година. Така што, ова е неповратен процес, ова не може да се врати, ова не може да се спаси. Но може да се преорганизира членството, да  ја вратиме пред сé модернизирана партијата,  со ова што е денес европски и светски тренд, да ја демократизираме партијата и на тој начин да си го земеме членството. Да ја вратиме во идеолошката матрица на ВМРО-то. А инаку, тоа дали ние можеме да го спасуваме ова ВМРО-ДПМНЕ, и ова раководство, и дали се потребни реформи, се прашања кои се веќе истрошени кои стануваат фраза – вели лидерот на Обединети за Македонија за Плусинфо.

Според Бошковски, ирелевантно е дали Груевски ќе биде сменет на конгрес или ќе остане и натаму претседател.

– Дали Груевски ќе биде претседател или некој Антонио, или слични на него заразени со груевизмот, со тоталитаризмот, тоа е небитно прашање – вели тој.

Тоа што според Бошковски е битно, е што да се прави со членството на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Бошковски, со искрените борци за македонската кауза и идеологијата.

– Дали ние нив можеме да ги привлечеме и да ги вратиме. Мислам дека имаме капацитет, неколку луѓе кои бевме со ВМРО во 90-тите да помогнеме во тој процес за демократизација и да се врати членството во вистинското ВМРО – вели Бошковски.