Анастасија Ангелковиќ била прегазена на тротоар на само 10 години. Возачот иако под дејство на алкохол, не понел одговорност, бидејќи судијката му била братучетка и целиот записник бил изменет за на крај да испадне дека таа невнимателно ја преминувала улицата.
Ангелковиќ која денес има 34 години со грутка во грлото, охрабрена од споделените приказни и последното убиство на Фросина Кулакова, раскажа низ што поминала, пренесува Женски магазин.
Завршила во болница, а во првите мигови ништо не ѝ било јасно. Добила потрес на мозокот, амнезија, напукната карлица и 3 месеци била во лежачка положба.
– Во тишината на болничката соба, бипкање на апаратите беше единственото што го слушав. Кога ги отворив очите, првата слика што ја здогледав беа две силуети над мене – мајка ми и баба ми. Лицата им беа влажни од солзи, а нивните раце нежно ги галеа моите, како да сакаа да ме задржат во реалноста, да ме уверат дека сум тука, дека сè ќе биде во ред. Но, во тие први мигови, ништо не ми беше јасно.
Што се случи? прашав со глас што едвај ми излегуваше од устата. Тие се погледнаа меѓу себе, како да не знаеја од каде да почнат. Мајка ми ја стегна мојата рака посилно, додека баба ми тивко ја избриша последната солза што ѝ се стркала низ образот – раскажа Анастасија која подоцна вистината ја дочекала како студен бран.
– Очевидците зборуваа – некој возач ме собрал од тротоарот. Полицијата стигнала брзо, а тестот покажал висок процент на алкохол во неговата крв. Нешто што во нормален свет би значело јасна вина, праведен исход. Но, не и овде. Не и во овој систем – вели Анастасија продолжувајќи да се сеќава на немилиот настан, додавајќи дека фактите биле извитоперени, заменети со лаги кои им одговарале на некои повлијателни луѓе.
Но, за Женски магазин, Анастасија раскажува дека приказната се сменила, заедно со записникот во кој пишувало дека таа невнимателно ја преминала улицата, дека немало алкохол кај возачот, дека, наводно, сум излетала пред автомобилот без предупредување.
– Иако живеев на спротивната страна, иако немаше никаква причина да бидам таму, на другата страна, фактите беа извитоперени, заменети со лаги што одговараа на некои повлијателни луѓе.
Судијката? Таа не беше неутрален арбитер на правдата, туку братучетка на виновникот. Сведоците? Тие, едноставно, не се појавија. Исчезнаа како да никогаш не постоеле – вели Анастасија.
Од целата оваа приказна , нашата соговорничка вели дека научила нешто што ниту едно дете не треба да го научи толку рано а тоа е дека вистината не е секогаш доволна.
– Но, и покрај сè, одлучив дека нема да дозволам да ја заборавам. Затоа што ако нешто го паметиш, тоа никогаш не може целосно да биде избришано – кажа за крај оваа храбрата девојка.