Свинскиот, телешкиот, говедскиот, како и пилешкиот џигер, се дел од многу светски кујни и најразлични рецепти. Може да се консумираат како главно јадење или пак, во комбинација со друг тип на месо. Заради брзината и едноставноста на приготвувањето, а со цел заштеда на време за саботен ручек ви нудиме пилешки џигер.
Состојки:

-700гр пилешко дропче
-1/2 страк праз
-1 младо кромидче
-1 морков
-1/2 корен целер и листови
-1/2 корен пашканат
-1/2 главица цвекло
-2 компири
-магдонос
-масло, сол, бибер, зачин, црвен пипер, вода или бујон (150мл).

Подготовка:

Исчистениот пилешки џигер го ставаме во зовриена вода да проврие само 1 минута.
Го процедуваме низ цедалка, значи нечистотијата ја фрламе и го миеме со ладна вода.
Во тава налеваме масло.
Го ставаме исецканиот праз да се пржи и пред крај го додаваме и исецканото кромидче.
Сега ги додаваме сецканите листови целер, морков, пашканат, целер, цвекло.
Нека се пржи уште 3-4 минути сето заедно.
Зачинуваме по вкус, па додаваме малку црвен пипер, компири исечени на коцки и измиеното џигерче. Налеваме околу 150 милилитри вода или бујон и вариме на тивко околу 30 минути.
Посипуваме со сецкан магдонос.