Продолжува набљудувањето на петгодишното дете од Делчева, кое синоќа голтнало две таблети антидепресиви за возрасни и потоа било примено на Детската клиника во Скопје.
„Петгодишното дете од Делчева синоќа со возило на Брза помош било примено на Детската клиника во Скопје, со информација дека земало две таблети антидепресиви за возрасни. Детето е примено во релативно стабилна состојба, надгледувано и во служба со стабилни параметри.
Денеска ќе продолжиме да го набљудуваме детето до утре, а доколку е се во ред, детето ќе биде пуштено да си оди дома“, изјави директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди.
Нагласи дека речиси секоја недела имаат вакви или слични случаи и ги повика родителите да внимаваат каде оставаат лекови за возрасни, хигиенски средства и корозивни материи, па да внимаваат да не им се достапни на децата.