Перински: Се разгледува иницијативата за референдум за отповикување градоначалници

 

Една од најважните иницијативи за локалната самоуправа е можноста за изјаснување на референдум за отповикување на градоначалниците со што ќе се зголеми одговорноста на локалните лидери и ќе се овозможи поголема контрола од страна на граѓаните, изјави министерот за локална самоуправа Златко. Перински.

Перински во емисија на ТВ Алфа, каде што гостуваше, нагласи дека ова решение го имало и во Законот за локална самоуправа од 1995 година, а сега повторно се разгледува како можност.

„Главната иницијатива за оваа промена произлегува од изразеното незадоволство на граѓаните од некои актуелни градоначалници. Сметаме дека треба да им дадеме можност на граѓаните да ги отповикаат градоначалниците на општините, а тоа е утврдено и во претходниот закон“, рече тој.

Перински најави сериозни реформи во локалната самоуправа и регионалниот развој, нагласувајќи дека земјата се подготвува за членство во Европската унија.

Како дел од реформите се планирани измени во Законот за локална самоуправа, кои ќе овозможат поголема транспарентност и учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети.

Процесот на изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа веќе започна со поддршка на УНДП, а во него учествуваат и локални и меѓународни експерти.