Пендаровски зборува за ветинг а поставува директори на тајни служби кои не минале на полиграф

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски упорно зборува за ветинг или проверка на политичарите а поставува директори на тајни служби кои не минале на полиграф.

Цели осум години откако за прв пат зборувал за ветинг тој вели дека не е доцна во државата да се спроведе ветинг од кој наводно се плашеле луѓе од ВМРО-ДПМНЕ а во исто време поставува директор на Агенција за разузнавање кој не минал ветинг иако за тоа има законска обврска.

Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу кој е директно назначен од Стево Пендаровски не минал тестирање на полиграф како што е предвидено согласно Законот за АР но тоа не е пречка Пендаровски да зборува за ветинг.

Покрај Муслиу полиграф и други соодветни проверки немаат поминато и директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, заменикот директор на АНБ Бесник Ферати и Миле Костов шефот на внатрешна контрола во АНБ, открива профилот Троловски или Демир кој важи за човек кој досега открил десетици корупциски афери и за добар познавач на безбедносниот систем.

Тоа значи дека цели 7 години луѓето кои треба да проверуваат дали некој безбедносен или друг вид на функционер има врски со непријателски служби, криминални организации или корупциски системи самите немаат минато ветинг односно полиграф или тест за интегритет.

„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски објавувајќи зошто досега не спровеле ветинг.

Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.

Тој не ги спомнува шефовите на тајните служби и безбедносните функционери.

„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.

Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.

„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, вели Пендаровски додека поставува директори на тајни служби без минат полиграф.