Од синоќешниот митинг на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, претседателот и кандидат зџа ууште еден мандат, Стево Пендаровски порача дека по изборите нужно е да се направи целосен ветинг на судиите, обвинителите, но и на политичарите. И тоа на сите кои намерно држеа предмети во своите фиоки или не можат да докажат како од плата станале милионери.
„Тие треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политичка функција. Македонската јавност е сведок дека како Претседател пет години во континуитет јавно ги осудувам грешките на сите коишто ги кршеа законите, вклучувајќи ги и оние кои ме поддржуваа“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека доколку ја добие довербата и во наредните пет години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти.
„Вечерва повторно ја барам довербата од вас граѓаните, затоа што можам да ве погледнам во очи и да ви кажам дека во изминатите пет години зад моето име нема ниту една криминална афера, ниту еден случај на корупција, на провизии или на наместени тендери“, порача Пендаровски.