Пелистерци ремизираа со Фредериција во дебито на Алонсо на клупата во ЛШ (ВИДЕО)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа нерешено 29:29 во реваншот со Фредериција во Битола во дебито на новиот тренер Раул Алонсо во Лигата на шампионите, но можеа да го однесат и целиот плен во салата „Боро Чурлевски“ ако ги реализираа двата последни напада за победа.

Од друга страна, имајќи го предвид постојаното водство на гостите во првото полувреме, кое го добија со 16:13, а во предност беа и до средината на второто, трите бода на македонскиот првак во дуелите со Данците не само што не се за фрлање, туку и ги зголемуваат надежите за осминафинале.

По осум одиграни натпревари и со освоени 4 бода, „зелено-белите“ се на шестото место во групата А, последно што води во елиминациите, а во следното коло на 28 ноември ќе му гостуваат на Веспрем.

Десното крило Богдан Радивоевиќ беше најефикасен во домашниот тим со 7 гола од 8 удари, пред капитенот Филип Кузмановски со 5/9.