Ракометарите на Еурофарм Пелистер беа на работ на 18. пораз во низа во Лигата на шампионите, но со три гола без одговор во само 64 секунди (!) стигнаа до реми 24:24 со Спортинг во Битола и го освоија првиот бод во својата втора сезона едноподруго во Лигата на шампионите.

Чудото почна по тајмаутот на Бранислав Ангеловски во 58:36 минута при водство на гостите од Португалија од 24:21 прво со петтиот погодок на Радивоевиќ, па двете технички грешки на противникот во нападот ги казнија Борзаш и Павле Атанасиевиќ, кој десет секунди до крајот предизвика еуфорија во преполната сала „Боро Чурлевски“.

Македонскиот првак го доби првото полувреме со 15:13, во 41. минута имаше максимална предност од 20:16, но по голот на Кузмановски за 21:19 во 47. минута цели 11 минути не ја погоди противничката мрежа и му дозволи на лидерот во групата пет гола во низа пред да се врати во последен час.

Радивоевиќ со 5/5, Пешевски со 5/8 и Кузмановски со 5/13 беа најефикасни во домашниот тим, но огромна заслуга за ремито има голманот Митревски со двоцифрен број одбрани, од кои две во клучни моменти во финишот.

Во следното коло на 17 окомври битолчани ќе гостуваат во Полска кај Висла Плоцк, која вечерва загуби дома од Пари Сен Жермен со 24:23.