Пајазити повикува на „отпор кон македонската власт“, за да се внесат „државотворните Албанци“ во уставот и „албански елементи во химната и знамето“!

„Албанските политички партии треба да се организираат и да се мобилизираат, за да  дадат отпор кон македонската власт, за да се издејствува промена во уставот и во него да се унапреди уставно-правниот статус на Албанците како државотворен народ во оваа земја. Според македонската проекција, Албанците треба да бидат тука, само за да плаќаат даноци, даноци, а не како рамноправни граѓани, што треба да ги имаат основните права како државотворци. Нема ниеден албански елемент во државното знаме, во грбот, во химната на Македонија и другите белези на државата и затоа се потребни промени и во оваа насока!“ – со овој повик на отпор кон власта и со барања за „решавање на албанското прашање“ се огласува д-р Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграции во државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Албанската реалност во Македонија не може да се покрие со хибридна војна“.

Покрај другото, во колумната, што ја објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“, Пајазити пишува:  Одбележувањето на албанското знаме во Македонија ги покажа силниот потенцијал и патриотизмот на нашата младина. Но, празникот на албанското знаме покажа и дека оваа младина и Албанците повеќе од 20 години се исклучени од оваа држава.

Нема ниеден албански елемент во државното знаме, во грбот, во химната на Македонија и другите белези на државата!

Делумни решенија беа уставниот израз „јазикот на 20-те проценти“, законската одедба за истакнување на албанското знаме со големина за една третина помало од македонското знаме и многу други деформитети. Ова е реалноста на теренот: суштински и законски вака е. Ова не може да се покрие со хибридна војна, вклучувајќи и главно со дезинформации и хаос.

Албанските партии треба да ги отворат овие теми и да се унапреди уставно-правниот статус на Албанците. Инаку ќе продолжиме да се вртиме во еден маѓепсан круг. Доста е веќе!

Албанското прашање во оваа земја личи на стар, скршен автомобил, кој е заглавен на работ, покриен со прашина, и никако не се покренува. Лошото е што овие големи маки ги гледаат и ги доживуваат само Албанците, додека меѓународната заедница, Тирана и Приштина ги затвораат очите и си продолжуваат со старата песна.

Албанските политички партии не успеваат да се организираат и да се мобилизираат во отпор кон македонската власт за политички цели, за да се унапреди уставно-правниот статус на Албанците. Според македонската проекција, Албанците треба да бидат тука, само за да плаќаат даноци, даноци, а не како рамноправни граѓани, што треба да ги имаат основните права како државотворци.

Веројатно треба да тргнат по патот на нивните татковци, за да избегаат од земјата и да работат како „гастарбајтери“ во Германија и други европски земји.