Парламентарни избори во Косово – тест за Курти

Ккосово денеска гласа на општи избори по жестоката изборна кампања во која кандидатите на опозицијата се судрија со премиерот Албин Курти за економијата, корупцијата и односите со „стариот непријател“ на земјата и сосед Србија.

Парламентарните избори се први според редовниот изборен календар по прогласувањето на независноста од Србија во 2008 година, откако до 2021 година се одржаа низа вонредни избори.

Во трка за 120 мандати се 28 партии, иницијативи и движења и еден независен кандидат.

Избирачките места беа отворени во седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.

Куриозитет на овогодинешните избори беше што немаше ограничувања за изборната кампања, која може да трае до отворањето на гласачките места.

Излезните анкети се очекуваат набрзо по затворањето на гласачките места, а резултати во текот на ноќта.

Курти, левичар и албански националист, дојде на власт во 2021 година кога коалицијата предводена од неговата партија Ветевендосје освои повеќе од 50 отсто од гласовите и обезбеди мнозинство во парламентот.

Политичките аналитичари велат дека неговата популарност е зајакната со потезите за проширување на владината контрола во северниот дел на Косово, каде мнозинството е српско население, пренесува Ројтерс.

Но, критичарите велат дека тој не успеал да ги исполни образованието и здравството, а неговата политика на север ја отуѓи земјата од нејзините традиционални сојузници, Европската унија и САД.

Евентуален пад под 50 отсто од гласовите на партијата на Курти може потенцијално да предизвика преговори за коалиција по изборите, пишува ДПА.

Курти вели дека неговите политики на север, кои вклучуваат намалување на долгогодишната автономија на Србите кои живеат во Косово, помагаат етничките Срби и Албанци да се здружат под еден систем на владеење. Но, неговата реторика ги загрижува центристичките политичари.

„Кога имате лош сосед, морате да го одржувате вашиот морал висок и вашиот пиштол наполнет“, рече тој во предизборниот говор во близина на српската граница оваа недела.

Водечките опозициски партии ја вклучуваат централно-десничарската Демократска алијанса на Косово, која водеше кампања за обновување на односите со Соединетите држави и ЕУ, и пристапување во НАТО, и Демократската партија на Косово, исто така централнодесничарска партија, основана од поранешни герилски борци на Ослободителната војска на Косово.

Од 120 места во Собранието на Косово, 20 се загарантирани на малцинските заедници, од кои 10 им припаѓаат на Србите, со по едно министерско место во владата.

Поддршката на официјален Белград овојпат е исклучиво Српска листа (СЛ), најголемата партија на Србите на Косово и сестринската партија на владејачката Српска напредна партија (СНС) во Србија, формирана со поддршка на српската влада и претседателот Александар Вучиќ, кој пред изборите ги повика своите сонародници во Косово да гласаат за СЛ. (Индекс.хр)