„Во државната каса годишно ќе се слеваат дополнителни 27,5 милиони евра, што ќе произлезе како придобивка од претпразнично усвоениот Закон за минимален глобален данок на добивка. Наменет е за мултинационалните компании, кои работат во Македонија и кои имаат приходи повисоки од 750 милиони евра. Петпроцентниот данок ќе се пресметува и наплаќа од 2026, а ќе се засновува врз резултатите, што ќе се постигнат во текот на годинава.“ – објави информативниот портал за бизнис, финансии и банкарство „Пари“ во војата анализа со наслов „Минималниот глобален данок ќе важи за остварувањата од 2025: За буџетот дополнителни 27,5 милиони евра “.
Натаму порталот пишува: Со обврската за плаќање квалификуван домашен дополнителен данок се заштитува даночната основа во Македонија. На мултинационалните компании кои дел од својата дејност ја вршат на македонска адреса, дополнителниот данок ќе им се наплати овде, а не во земјата, каде што е нивното седиште. Според одредбите, овој закон ги опфаќа сите составни субјекти – членови на мултинационални компании, или на голема домашна група со годишен приход поголем од 750 милиони евра.
Како основа се зацртани три правила. Првото правило е тврдување квалификуван домашен дополнителен данок, што се однесува на сите составни субјекти кои подлежат на ниска даночна стапка и кои се наоѓаат во Македонија. Второто правило е за вклучување на добивката, согласно со кое се утврдува дополнителен данок за матичната компанија. Третото правило е за помалку оданочена добивка, во случај кога данокот не е наплатен врз основа на правилото за вклучување добивка.
Со ова државата се усогласи со правилата на ОЕЦД, осмислени за да се осуети практиката на мултинационалните компании, да ги пренесуваат добивките на терен каде што нема оданочување или стапките се минимални. Односно, со законот се направи усогласување со Директивата на Советот на ЕУ за обезбедување на глобално минимално ниво на оданочување за групи на мултинационални компании и големи домашни групи во Унијата.
Во Македонија нема голем број компании, кои се дел од мултинационални корпорации. Сепак, од Советот на странските инвеститори подолго време предупредуваа, доколку нашата држава не се прилагоди и не го внесе глобалниот данок во своите закони, ќе се случи од буџетот да се одлеат најмалку 30 милиони евра годишно. Пред се, поради тоа што опфаќа 50-на компании од Европа, Северна Америка и од други земји.
Во Македонија има три типа такви компании: оние кои користат даночни олеснувања и се во слободните економски зони; оние кои користат даночни олеснувања и се надвор од зоните; и третиот тип се компаниите, кои вршат услуги на слободниот пазар, на пример Телеком, А1, Цементара, ЕВН…, појасни премиерот Христијан Мицкоски, кога пред неколку месеци најави дека странските компаниите кои профитираат од македонските граѓани, мора тука да го плаќаат овој данок.