„Парада на гордоста“ дебитира во Приштина

Под мотото „Во името на љубовта“, Приштина денеска првпат е домаќин на „Парада на гордоста“, организирана од припадниците и од активистите за правата на ЛГБТ-заедницата.

Наспроти смртните закани, на маршот низ улиците на главниот град на Косово се приклучија и високи државни функционери, кои им дадоа поддршка на учесниците.

„Тука сум за да изразам поддршка за ЛГБТ-заедницата и да потврдам дека сите заедници во Косово се еднакви. Државата и општеството се градат врз основа на принципите на слободата и на еднаквите права за сите“, порача претседателот Хашим Тачи од плоштадот „Скендербег“, додавајќи дека нема да дозволи насилство или закани за оваа заедница.

Меѓу учесниците се најде и министерката за европски интеграции Дурата Хоџа, која рече дека правата на ЛГБТ-заедницата се загарантирани со закон и оти таа заедница секогаш ќе има поддршка од локалните институции.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, пак, денеска објави дека поради зафатената агенда нема да присуствува на парадата.