Пак „Вардариште“ гореше – граѓаните бесни оти никој ништо не презема

Дивата депонија вардариште, пак гореше. Пожарот кој избувна вчера попладне, изгаснат дури доцна во ноќта. Додека противпожарните екипи се обидуваа да го стават огнот под контрола, чадот од депонијата се прошири и опфати неколку скопски населби. Жителите на Маџари, Лисиче, Аеродром, се пожалија на непријатна миризба во воздухот а од Центарот за управување со кризи велат дека до нив пристигнале голем број на повици.

  • Една третина од вчерашните пожари на отворено биле на диви депонии или ѓубришта…Тие депонии се до населби и најчесто и освен што од нив може да се прошири пожарот,  дополниелно опожарените диви депонии го загадуваат амбиенталниот воздух особено во градовите каде што е веќе загаден воздухот..Вчерашниот пример ни сведочи за тоа од сношти , што е хроничен проблем со палењето на дивата депонија вардариште“, информираат од ЦУК.

Од МВР пак велат дека веднаш откако добиле пријава за пожар, полициски екипи излегле на терен, но лица кои би можеле да го предизвикаат пожарот, не биле најдени.

  • Од страна на полициските службеници се извршени обиколки на терен но не се забележани сомнителни лица кои би можеле да го подметнат пожарот“, вели Гоце Андреевски – Началник на Сектор за односи со јавност.

Граѓаните коишто живеат во близина на депонијата реагираат дека многу често се пали и освен што претставува опасност пожарот да се прошири и да ги зафати околните куќи, дополнително го загадува и воздухот. Велат, среде лето, спиеме со затворени прозорци. И покрај апелите и барањата до надлежните служби да го решат проблемот, досега не е ништо преземено.

А додека еден дел од градот се гуши во чад, друг дел, полн со смет. Градоначалници на две скопски општини велат дека се затрупани со ѓубре. Комунална хигиена доби прекршочна пријава поради нередовно собирање на отпадот во општина Кисела Вода.

  • Досега неколку пати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаа со проактивност од страна на ЈП ,,Комунална хигиена” кое сите граѓани на Скопје го плаќаме. Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови испративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен. Увидовме дека ситуацијата е катастрофалната и поради тоа понесовме прекршочна пријава до Комунална хигиена и ова ќе биде наша пракса и следните денови ако состојбата не се подобри“, вели Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на општина Кисела Вода.

Неодамна, и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски обвини дека повеќе од 10 дена екипите на Комунална Хигиена се немаат појавено во поголемиот дел од територијата на општината. Од јавното претријатие, ги демантираат ваквите обвинувања и велат дека ѓубрето, секој ден се собира.