О2 Иницијатива: Да се забрани увоз на возила постари од 10 години и со „ЕУРО 5“ мотори

Претставниците на О2 иницијативата побараа забрана за увоз на возила постари од 10 години и со „ЕУРО 5“ стандард, како и ограничување на увозот на нови возила со минимален „ЕУРО 6“ стандард. Ова барање е дел од напорите за намалување на аерозагадувањето во Македонија, кое предизвикува сериозни здравствени проблеми, особено меѓу децата.

  • Сообраќајот учествува и до една третина во аерозагадувањето кога се мери покрај сообраќајниците. Возилата испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени, влијаат врз генетскиот материјал и се особено штетни за децата во развој. Нашето барање е да се ограничи увозот, по примерот на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора – возила кои се користени да не можат да бидат постари од 10 години и не под Еуро 5 стандард, а новите возила да бидат под Еуро 6 стандард – изјави Татјана Чакулев, член во 02 Инцијатива.

Во барањето се нагласува дека постарите возила, кои испуштаат токсични хемиски супстанции како бензен и толуен, се посебно опасни, бидејќи овие емисии директно ги вдишуваат луѓето, а особено децата, кои се наоѓаат во близина на издувните гасови. Слични мерки веќе се имплементирани во земји како Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора.

Ели Пешева член на О2 Иницијатива, рече дека преку ова барање не повикуваат кон скратување на единствениот начин на превоз низ градот Скопје, туку испраќаат барање до Владата и надлежните да се најде начин и да се регулира јавниот превоз. Како пример ги даде сите држави од регионот кои користат јавен превоз кој не загадува, односно користат електрични автобуси и такси-превозниците користат електрични возила.

Претставниците на О2 иницијативата истакнаа дека и покрај економските придобивки од увоз на поевтини возила, здравјето на граѓаните треба да биде приоритет, а истакнаа и потребата од подобрување на јавниот транспорт, особено со електрични автобуси, како решение за загадувањето.