Осум македонски државјани се приведени од словачката полиција во градот Шала како дел од групата од 62 странци што нелегално престојувале и работеле во земјата.
Заедно со уште 27 уапсени Украинци, 23 Срби и четворица од Босна и Херцеговина, осумтемина Македонци биле ангажирани од јужнокорејската фирма „Шин Хеунг Пресижн Словакија“, која доставува резервни делови за „Самсунг“, „Сони“, „ЏВС“, „ЛЏ“ и за „Тошиба“. Сите заедно чекаат на депортација во полицискиот центар за имигранти во Медведово, јави државната Радиотелевизија на Словачка (РТВС).
Словачкото Министерство за труд и социјални прашања веќе подолго време се бори со посреднички агенции што ги злоупотребуваат странските работници, ги вработуваат со неважечки договори, не им плаќаат социјално и здравствено осигурување, а тие често работат во полоши услови отколку Словаците во истите фабрики, додава РТВС.