Балканските земји имаат заеднички интерес и затоа треба добро да проценат каде одат и да размислат за „балканска федерација”, изјави вчера во Белград американскиот геополитички аналитичар Џорџ Фридман, и основач на „Стратфор“, во дискусијата, “Ветрови на промени”, која беше во организација на Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој, пренесува ТВ Нова.
„Стратфор“ е приватна разузнавачка компанија која што работи со голем број светски компании но и за Влади. Во документацијата од американскиот Стејтдепартмент објавена од Викиликс оваа фирма се споменуваше како мрежа која што прибирала информации на Балканот и ги предавала на американските служби за безбедност.
Фридман оценува дека е потребен силен Балкан, како партнер на САД против Русија и Турција. Најголемата опасност за овој регион е самиот регион, вели Фридман додавајќи дека тероризмот е проблем, но не е егзистенцијален проблем за Балканот.
„Ако сте сами на себе најголема закана, вие самите сте решение”, изјави тој.
Фридман потсети дека по распадот на Југославија, Балканот не доживеал „среќни времиња“, а интеграцијата во ЕУ ќе покрене многу прашања што не треба да се потценуваат.
„Ќе биде добро да процените каде одите, ситуацијата е комплицирана”, истакна американскиот геополитички експерт.
Според него, спасот на балканските земји не е во ЕУ, бидејќи најдобар дел од нашата историја бил во време на поранешна Југославија, без оглед на репресивниот комунистичкиот режим.
„Земјите од Балканот не треба да се редат зад европските земји бидејќи веќе имаат избор – заеднички интерес“ – вели Фридман.
„Ако Европејците немаат доволно нивни проблеми – нека ве интегрираат во регионот. Ако вие тука исто така немате доволно проблеми, интегрирајте се во ЕУ “, изјави американскиот геополитички експерт.
Според неговата оценка, Европската унија е величествен експеримент, но можеби и преамбициозен, а развојот на Источна Европа е блокиран од политика.