Европската унија треба да ги преиспита санкциите против Русија бидејќи тие ги одржуваат високите цени на енергијата, што ја попречува економската конкурентност на блокот, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесуца Ројтерс.
„Цените на енергијата мора да се намалат со сите средства. Тоа значи дека санкциите мора да се ревидираат, бидејќи со сегашната политика на санкции, цените на енергијата нема да се намалат“, рече Орбан во интервју за унгарското државно радио.
Орбан рече дека американските компании плаќаат четвртина од она што нивните европски колеги го трошат за гас и електрична енергија, недостаток што не може да се надмине со други средства.
Откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година, Орбан почна со остри критики на санкциите на ЕУ против Москва и финансиската и воената поддршка на блокот за нејзиниот сосед.
Додека земјите во Западна Европа вложија сериозни напори да се отстранат од руската енергија, Унгарија продолжува да добива 80-85% од својот гас од Русија, како и 80% од резервите на сурова нафта.