Лидерите на ЕУ се изјаснија дека нема да прифатат никаков договор што Русија и САД би го постигнале без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европејците исто така нагласуваат дека мора да бидат вклучени во преговорите.
„Јасно е дека ниту еден договор зад нашиот грб нема да успее. Ви требаат и Европејците и Украинците“, им рече на новинарите Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, на маргините на состанокот на министрите на НАТО. „Зошто и даваме на Русија сè што сака уште пред да започнат преговорите? Тоа е политика на попуштање. Никогаш не функционирала“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Каја Калас за континуираната европска поддршка за Украина.
„Позицијата на Брисел – да поддржува убиства онолку долго колку што е потребно – е морално и политички неприфатлива“, рече Орбан. „Додека претседателот Доналд Трамп и претседателот Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“.