Општина Битола го усвои ребалансот на буџетот

И покрај тоа што денешната седница на Советот на Општина Битола почна во тензична атмосфера и мошне тешки обвинувања за трошењето на општинските пари од страна на претседателката на Советот Габриела Илиевска, сепак ребалансот на буџетот беше усвоен, пренесе Слободен Печат. За него гласаа 25 советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тројцата советници на независната листа „Поинаку” беа воздржани, додека советниците на Левица гласаа против.

Усвојувањето на ребалансот на буџетот го поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој по седницата на Советот во неговата изјава нагласи:

  • Општина Битола продолжува со реализација на капитални инвестиции и други инфраструктурни проекти. Чест ми е, што мнозинството во Советот даде поддршка на ребалансот на буџетот, давајќи можност зацртаните проекти да продолжат да се реализираат, како и да се започне со подготовка на нови проекти кои се во контекст на визијата на локалната самоуправа за напредок на Битола. Советниците кои го сакаат својот град, недвосмислено одлучија дека Битола заслужува планираните инвестиции да бидат реализирани, истакна Коњановски.

Тој искажа благодарност и до советниците кои не гласаа за предложениот ребаланс на буџетот. Инаку, со ребалансот на буџетот се предвидува поголемо динамизирање на активностите од областа на инфраструктурата и повеќе средства за културата, спортот и образованието во Битола.