До нашата редакција стигна допис насловен како: Одговор на јавно објавена содржина; Барање за повлекување на јавно објавена содржина со елементи на клевета, упатен од Скопски Пазар АД.
Во дописот се бара повлекување на написите во врска со судскиот случај, каде како оштетен се јавува Скопски Пазар АД, а за кој ние во повеќе наврати пишувавме.
Со оглед на фактот дека во дописот никаде не се наведува која невистинита содржина е објавена од наша страна, ниту со што е повреден угледот на Скопски Пазар АД, го известуваме подносителот и јавноста дека не планираме да повлечеме ништо што е веќе објавено од наша страна на оваа тема и сме подготвени на суд да ги браниме нашите сознанија и информации.
Дополнително, во дописот се реагира на фактот што Скопски Пазар АД не е контактиран пред објавување на написите. Во случајот, Скопски Пазар АД не е контактиран за став пред објавување на написите од причина што предмет на анализа во објавените написи не е однесувањето на оваа компанија.
Како секој друг субјект, и Скопски Пазар АД има право да иницира било каква судска или административна постапка. Проблемот за кој што пишуваме е начинот на функционирање на правосудството со акцент на одлуките, кои се носат во постапките каде учествува Скопски Пазар АД.
Секоја судска одлука јавно се објавува и легитимно е да се анализира и да се извлекуваат заклучоци во врска со содржината.
Судството мора да работи законито и транспарентно и никаков допис со закана за тужба нас нема да не спречи да пишуваме за судските одлуки, кои се носат во овој или било кој друг случај.
За потсетување expres.mk во последниве 8 години во повеќе наврати пишувал или темелно следел повеќе случаи каде што имало индиции за нерегуларности затоа што сметаме дека јавноста треба да знае за ситуациите во кои има индиции за корупција, конфликтот на интереси, трговија со влијание или други аномалии кои влијаат и на општата слика за македонското правосудство.
Во интерес на доследно информирање на јавноста, дописот од Скопски Пазар АД уште еднаш го објавуваме интегрално.
Закани да се избрише вистина
Линкови до некои досегашни објави
Никој не зборува ништо за можно изземање на судијката Гајдова од случајот Скопски пазар
Радио Лидер: Случајот Скопски пазар и најава на Мицкоски за разбивање на правосудната мафија