Новиот состав на македонскиот машки национален одбојкарски тим го збриша Азербејџан со 3-0, со победа ги отвори натпреварите во првата група од Европската лига, и што е најважно, остави одличен впечаток во Скопје. Капитенот Никола Ѓорѓиев одново предводеше со најмногу освоени поени, но супер изданија имаа и Љафтов, Колпчевски, Ѓорѓи Ѓорѓиев.

Азербејџан освојуваше 19 поени во првиот и вториот сет и 20 во третиот, но во ниту еден миг не беше сериозен партнер во дуелот во кој вистински уживаа 2000 гледачи на Кале, кај кои беше очигледно дека врвна одбојка им недостасувала во текот на сезоната.

В сабота Македонија игра со Албанија (19.30), а в недела на завршницата на турнирот се среќаваме со Шведска (19.30) со цел со три победи да отпатуваме следната недела во Тирана каде ќе биде завршен квалификацискиот циклус за Фајнал форот во Европската лига кој е закажан за 1 и 2 јули во Данска. Инаку во првиот натпревар на турнирот во Скопје Албанија ја победи Шведска со 3-2.