Со сериозно променет состав во однос на минатата сезона кога игравме финале во Европската лига, најдобрите македонски одбојкари од утре тргнуваат во нова авантура во второто по квалитет летно репрезентативно натпреварување. Ние сме и домаќини на турнирот број 1 во првата група во која не очекувааат натпревари со Азербејџан, Албанија и Шведска. На Кале во Скопје посакуваме три победи и лесно продолжение на вториот собир на истиот состав другиот викенд во Тирана
“Следува тежок турнир. Во три дена имаме три меча. Работевме доста напорно. Не смееме никого да потцениме. Таа желба и мотивација да ја преточиме на терен и да победиме. Треба три победи и тоа е најважно. Одлично работевме и желни сме за мечеви, доста беа тренинзи”, рече капитенот Никола Ѓоргиев денеска на прес средбата.
Во нашиот тим нема неколкумина важни и стандардни од ланските, и од изданијата во последената декада како Симовски, Јосифов, Деспотовски што ќе биде огромен хендикеп за нас, но селекторот Драгољуб Балтиќ е свесен за предизвикот и го прифаќа, па дури и ветува дека промените нема да се почувствуваат.
Утревечер на Кале во Скопје од 19. 30 македонската одбојкарска репрезентација игра со Азербејџан на отворањето на првиот турнир од новото, овосезонско издание на Европската лига. Амбицииите се нов настап Фајнал фор кој годинава се игра во Данска.