Вишо јавно обвинителство (ВЈО) на денешната јавна седница побара од Судски совет на Апелациски суд да ја измени одлуката на Кривичен суд за затворски притвор на актерот Владо Јовановски и таа да се замени со мерката обезбедување присуство.
Обвинителот Јован Цветановски од ВЈО смета дека Советот на Основен суд Скопје 1 погрешно ја утврдил фактичката состојба при продолжувањето на притворот пред десетина дена и оти мерката притвор е строга за учесникот во настаните во Собрание на 27 април.
Одлуката за притворот на Јовановски треба да ја донесе тричлениот судски совет утре.
За разлика од актерот, ВЈО преку Цветановски излезе со став дека треба да останат во притвор поранешниот шеф на собраниското обезбедување Горан Ѓошевски и Оливер Поповски од Шестата управа.
До Апелациски суд се поднесени 18 жалби за продолжувањето на притворот на 23 декември на осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Покрај Јовановски, во истражниот затвор во Шутка се притворени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, потоа Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ итн.