Обвинителството проверува наводи за бесплатно поставување водомери во Делчево и Македонска Каменица како изборен поткуп

Вчера во Основното јавно обвинителство во Делчево бил заведен предмет по побарани наредби од Министерството за внатрешни работи за вршење увид во службената документација на јавните комунални претпријатија во Делчево и Македонска Каменица поради сомнежи за кривично дело поткуп при избори и гласање.

Како што соопшти јавниот обвинител Џелал Бајрами и раководител на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на можни изборни нерегуларности, сомневањата биле за наводно поставување водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без паричен надоместок, заради поткуп при избори.

Тој информираше дека во селото Бучим гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата го покажал на набљудувач од политичка партија. „Денеска било известено Основното јавно обвинителство во Радовиш. Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело повреда на слободата на определување на избирачите.“ – рече обвинител Бајрами.