Само седум дена по нејзиниот избор, Советот на јавни обвинители на Македонија денеска ќе треба да ја разгледа и потврди оставката на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
Таа на 10 февруари на предлог на државниот обвинител Љупчо Коцевски беше избрана за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по суспензијата на обвинителот Мустафа Хајрулахи.
„Поставувањето на Крстевска Цалева за в.д. шефица на Вишото обвинителство беше проследено со бурни реакции за незаконитоста на одлуката на Коцевски.
Според бројни експерти таа одлука е спротивна на членот 25 став 3 од Законот за јавно обвинителство, каде функцијата вршител на должноста е опција само доколку на вишиот јавен обвинител му е истечен мандатот или тој е разрешен. Во случајов, доскорешниот прв човек на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи, е само суспендиран заради предистрага за наводен мобинг кон свои колеги обвинители. Хајрулахи тврди дека е жртва на притисок од страна на обвинителот Коцевски кој барал од него да го затвори предметот за високите хонорари кои незаконски ги добивале Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и други обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство. И двете истраги сеуште немаат разрешница“ објави МКД.Мк.
Крстевска Цалева деновиве го известила државниот обвинител Коцевски дека таа не е подготвена да ги трпи критиките од јавноста за овој пропуст при нејзиното именување, а особено што во овој период се очекува во собраниска процедура да влезе и владината иницијатива за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. На средбата Коцевски, тој се обидел да ја разубеди колешката, но без успех.
Седницата на Советот на јавните обвинители беше закажана за денеска во 10,30 часот.