Ноќни стражи или „Кога копилињата ќе стивнат“ – Колумна на Горан Момироски

Високиот функционер на ДУИ Бекир Асани во интервју за влијателниот новинар Саше Политико кој како таков беше повикан на брифинг за името од премиерот Заев, рече дека тој ги разбира македонските новинари што го критикуваат за инцидентот со полицајката Јаначковска но дека не го разбира новинарот Насер Селмани. За Асани, Селмани како Албанец односно „наш“ бил „Копиле“ затоа што критикувал.

Исто како и Асани и јас не се лутам затоа што Асани како „нивни“ јавно навредува и индиректно се заканува на „нашиот“. Јасно е дека поделбата на „наши“ и „нивни“ овде не е етничка туку новинарска но тоа не е најважно, поважно е дека освен неколку новинари никој друг од одговорните во државата не се огласува во врска со заканата кон Селмани.

Не, Асани и Политико не се „копилиња“, тие само си ја работат работата што најдобро ја знаат. Ниту Али Ахмети и ДУИ не се копилиња. Тие не се платени да се грижат за безбедноста на новинарите, имаат обврска за тоа но не мораат.

„Копилиња“ се сите оние што седат во своите кабинети во МВР и во Владата и се радуваат што се најде некој што јавно без никакви скрупули му се заканува, не на било кого туку на првиот човек на македонските новинари. Кој патем речено не беше октроиран од партија или влада туку беше избран на регуларни избори со повеќе кандидати.

Нема потреба да се кажува дека Насер Селмани е симбол на слободата на македонските медиуми. И затоа е вџашувачки што 24 часа по изјавата дека тој е „копиле“ никој во власта а богами ни во опозицијата не се спротивстави јавно на навредите кон Насер како новинар, личност и како симбол.

Трагедијата е уште поголема затоа што не е прв пат Асани да се „занимава“ со новинарите. Тој сега не се сеќава како во 2006 година среде Собранието „шамараше“ уште едно „копиле“, новинарот Лирим Дулови. И за тоа не беше процесиран од тогашната влада на ВМРО – ДПМНЕ.

Луѓето во МВР и во Владата не смеат да дозволат Асани да ги шамара или да им направи нешто друго на „копилиња“ затоа што тие се Албанци како Селмани и Дулови и да биде толериран се додека не настрада некое „македонско копиле“ затоа што тое е пат без враќање.

Тоа што тој во интервјуто во кафената во Чаир, Асани вели дека нема да дозволи неговите браќа да му направат нешто на Селмани, е уште поголема катастрофа.

Новинарите не смеат да зависат од неговата добра воља туку од законите и елементарните правила на демократијата и цивилизацијата меѓу кои се и честа и моралот. Ако Али Ахмети има барем малку од овие две работи тој мора да го натера Асани да се извини и да се повлече а не тој да продолжува со нови закани, затоа што користењето на зборот „копиле“ не е извинување.

Освен Ахмети молчат и МВР и Владата. Демек оставаат случајот да го решат обвинителствогто и судовите. И со тоа свесно го зголемуваат стравот кај новинарите и ги охрабруваат тие што не не сакаат, да се обидат да не влечат голи по улици.

Ако продолжат да молчат, можеби ЗНМ треба да побара помош од странските амбасади за нов проект.

Проектот ќе се вика „Ноќни новинарски стражи пред куќата на Насер“. И ќе трае додека Македонија не стане нормална држава.

П.С. Да, да, знаеме дека „режимот на ВМРО – ДПМНЕ направи огромни штети“ е новото „И СДСМ така правеше“ ама тоа нема да биде оправдување кога Насер, Горан, Саше или некој друг ќе биде најден во некој контејнер. Само затоа што побарал од МВР, Владата и Ахмети како уставна категорија да запрат едно лудило.