Ново јавно величење на Џемо Хаса како „албански народен херој“, кој со „Бали комбетар“ изврши многу злосторства врз Македонците

„Вчера починал синот на албанскиот народен херој Џемо Хаса и бил погребан во гостиварското село Симница, во родното село негово и на Џемо.“ Ваква вест објавија вчера весникот „Лајм“, информативните портали  „Тетова сот“, „Фол“ и повеќе други медиуми на албански јазик во Македонија. Иставајќи го настрана моментот на починувањето на односниот жител на Стримница, многу поголемо внимание побудува формулацијата „албанскиот национален херој Џемо Хаса“. Зошто во јавноста повторно се велича на ваков начин Џемо Хаса како народен херој на Албанците, за кого историската наука со многу документи и сведоштвата на неговите жртви докажале  дека бил воен злосторник во Втората светска војна и соработник на германскиот фашизам на Адолф Хитлер? Како може да биде нарекуван нечиј народен херој човекот, кој како водач на „Бали комбетар“ во западниот дел на Македонија во Втората светска војна извршил многубројни ѕверства врз цивилното македонско население?

Во врска со „херојската дејност“ на Џемо Хаса и другите негови соборци и истомисленици во „Бали комбетар“  во историографската статија со наслов „Кој и зошто ги оживува балистите во Македонија?“ на 15 август 2023 година весникот „Нова Македонија“, покрај другото, има напишано: „Во изминативе две децении во Македонија се случуваат обиди за оживување на балистите преку релативизирање на нивната идеолошка матрица и нивно промовирање како албански национални херои. Еден од истакнатите команданти и водачи на балистичките вооружени формации во Гостивар и Гостиварско бил и Џемо Хаса од Симница. Повеќемина светски истражувачи и експерти, како што се Томек Јанковски, Ричард Рашке, Кристофер Симпсон и други, јасно посочуваат дека ‘Бали комбетар’ била  екстремна албанска националистичка организација, што се залагала за создавање ‘Велика Албанија’ и како таква соработувала со германските нацистички власти. ‘Бали комбетар’ вршел ужасен терор и масовни злосторства врз македонското цивилно население.“

„Балистичкото движење во Македонија е истражувано и од неколкумина македонски историчари. Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја вели дека идеолошката основа на ‘Бали комбетар’ била поставена врз база на идејата за ‘Велика Албанија’. ‘Бали комбетар’ ја покажал многу бргу својата вистинска улога како поддржувач на политиката на италијанските и подоцна на германските окупатори. Неговото дејствување на теренот на Западна Македонија било изразито антимакедонско.’ – посочува Литовски.“

„Во архивските документи пишува дека во Западна Македонија имало од 12 до 15 илјади балисти, кои вршеле ужасен терор врз Македонците. Во тој терор во западниот дел од земјата учествувале стотици балисти, како Џемо Хаса, Акиф Речани, Мефаил Зајази, Мурат и Мифтар Kаљоши, синови на злогласните Лан и Асан Kаљоши, Али Малиќи од Дебар, Ќазим Љуши, водач на тетовските балисти, и многу други.“

„Балистичките вооружени формации вршеле масовни убиства на Македонци, како што е злосторството, што го извршиле бандитите на Мефаил во Kарбуница, кога целото население било ликвидирано, бидејќи во Kарбуница и во Буковик се одвивале големи битки меѓу партизанските единици и балистите. Во гостиварскиот крај биле запалени селата Маврово, Леуново, Никифорово, Железна Река, Тумчевиште, а притоа биле ликвидирани речиси 500 Македонци. На 19 септември 1944 година балистите го запалиле селото Беличица, каде што биле убиени 36 лица.“

„Од 1943 до крајот на 1944 година, балистите ги запалиле селата Малкоец, Попоец, Лактиње, Црвена Вода, Мешеишта, каде што биле убиени многу селани, потоа Врбјани, Турје, Kленоец. Било запалено и селото Заграчани, а во Радолиште биле убиени стотина селани, меѓу нив и муслимани, што застанале на страната на македонската војска. Напоредно со етничкото чистење на теренот, балистите ги уништувале и црквите и манастирите.“

По сите овие и вакви потсетувања за вистинската дејност на Џемо Хаса уште и прашањето: дали оние, кои го нарекуваат како „албански народен херој“, водат сметка дека сево ова може да се доживее како нова сериозна провокација врз Македонците?