Ново „бетонско чудовиште“ ќе никне кај Воена болница, надлежните спијат

Зградата со 17 ката кај Воена болница ќе се изгради, бидејќи Општина Карпош нема намера да ја стопира градбата и да ја поништи градежната дозвола, објави СДК. Иако Конзерваторскиот центар го поништи позитивното мислење издадено од ексдиректорот Костантин Димитровски и минатиот месец издадено ново, со кое не се дозволува да се гради околу болницата, сепак Општината не презема никакви мерки и му дозволува на инвеститорот „ЗСФ Ком“ да ја гради зградата.

Од Општината велат дека нема зошто да ја поништат градежната дозвола кога таа е издадена на 1 февруари по прибавување на сите позитивни мислења од надлежните институции.

  • Во моментов се води судска постапка пред Управниот суд, со кој што незаконски е поништено веќе даденото позитивно мислење, од причина што согласно Законот за Општа и управна постапка, не постои поништување на мислење туку ништовност на актот, а за поништување веќе биле одминати сите законски рокови. Токму од тие причини постапката е пред Управниот Суд. Со добивање на негативното мислење не сметаме дека треба да се поништи одобрението за градење, од причина што веќе на ден 8.11.2023 година оваа установа веќе издала позитивно мислење, на кое што ниту Конзерваторскиот центар, ниту Министерството за култура, ниту било кој друг субјект немал забелешка, за да после три месеци од издавањето на позитивното мислење ѝ текне на самата установа да го поништи своето мислење“, велат од Општина Карпош.

Американскиот Стејт департмент на 18 март го стави на црна листа градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, бидејќи со неговите дејствија како градоначалник го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. Според Стејт департментот, Јакимовски „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

Димитровски на 13 декември беше приведен како осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во Стара скопска чаршија. Димитровски доби домашен притвор за уривањето на хотелот „Шар ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство, по што беше разрешен од директор на Конзерваторски центар, а беше поништено и позитивното мислење за 17-катницата.

На терен градежна механизација на големо работи за изградба на зградата односно во овој момент се копа јамата. Инвеститорот „ЗСФ Ком“ веќе почна со продавање на становите и на социјалните мрежи го рекламира објектот како луксузен комплекс за живеење во центарот на градот.

Блокот од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители се гради меѓу пет здравствени установи. Зградата ќе никне меѓу поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош, болницата „8 Септември“, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ центар) односно за дијагностика на болните со малигни заболувања и приватната болница „Жан Митрев“. Во непосредна близина е и теренот од каде со хеликоптер се носат болни и повредени во ГОБ „8 Септември“.