„Новиот“ Вардар тргна со победа над Мура во Словенија

Шест дена откога австриски „Новоматик“ стана генерален спонзор на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, „новиот“ Вардар тргна со победа од 2:0 над словенечкиот прволигаш Мура во првиот контролен натпревар на подготовките во Раденци.

Стрелци на головите во мечот 2х30 минути против шампионот на Словенија од 2021 година беа Горјан Цветков во 32. минута и Давид Велковски во 49. минута.

Ова беше и прв настап на капитенот Дарко Мицевски по повеќемесечната пауза поради повреда.

Следен противник на „црвено-црните“ на 17 јули од 17:30 часот ќе им биде словенечкиот второлигаш Бистрица на неговиот стадион во Словенска Бистрица, а на 20 јули исто така од 17:30 ч. во Мартјанци на вардарци ќе им спарингува и локалниот третолигаш Чарда.

Во рамките на подготовките за новата сезона Вардар ќе си ги провери силите и со најтрофејниот хрватски клуб Динамо Загреб, како и со членот на англискиот Чемпионшип и поранешен премиерлигаш Свонси.