Три лица се осомничени за незаконска изградба на три луксузни викенд куќи во Зелениково, во случајот „Тревник” што денеска го објави Специјалното јавно обвинителство.
Неофицијални информации велат дека меѓу осомничените е уредник во една национална теелвизија и дневен весник кој што веќе биле на распит во ова обвинителство.Новинарот веќе беше дел од истрага на СЈО за неплаќање данок.
Во новиот случај во кој се гони уредникот се работи за кривично дело бесправно градење, за што од СЈО тврдат дека поседуваат и сателитски снимки. Случајот е произлезен од истрагата за досега необјавени прислушкувани разговори.
Фетаи информираше дека се отворени предистражни постапки и за предметите „Монструм“, „Диво Насеље“, „Мартин Нешковски“ и „Скопје 2014“, но не сакаше да даде подетални информации за јавноста. Ова обвинителство продолжува да ги истражува и наводите од снимките поврзани со случајот „Сопот“, и покрај тоа што Советот на јавни обвинители не им го даде предметот во нивна надлежност.
Обвинителите тврдат дека, иако делото е застарено, овие докази имаат директни импликации во постапката што се води во Основниот суд Скопје 1 и доколку предметот биде даден во нивна надлежност, тие ќе ги презентираат пред судот. Во тек е постапка и за откривање на сторителот на ова дело, но поради истрагата, детали не беа соопштени.
Од СЈО очекуваат Врховниот суд, кој денеска одлучува за тоа, дали објавените разговори, таканаречени „бомби“ може да се користат како докази, да ја примени праксата на Европскиот суд за човекови права, кој му дава предност на јавниот интерес над приватниот, односно доколку податоците кои произлегуваат од разговорите се потврдат со голем број на материјални докази, тогаш не постои пречка и незаконски стекнатите докази да се применат во постапката.
Очекуваат и најголем дел од истрагите да се затворат и да се поднесат обвиненија до истекот на мандатот, но сепак, бараат од новото мнозинство да им овозможи да продолжат со работа.