Владата вчера донесе одлука со која ја продолжи набавката на американските преносни системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата на Лесната пешадиска баталјонска група.

Владата  „ја разгледа и ја усвои Информацијата на Министерството за одбрана за потребата од доделување договор влада со влада за набавка на преносни системи за противоклопна борба, со склучување на договор меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави“.

-Воедно, утврден е усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање (Амандман 1 на писмото за понуда и прифаќање) MK-B-UCF JAVELIN – JLTV, помеѓу владата на Република Македонија и владата на Соединетите Американски Држави, се наведува во соопштението.

Нагласено е дека со одлуката на Владата на Македонија, продолжува процесот на набавка на преносни системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата на Лесната пешадиска баталјонска група.

Одлуката е во насока на определбата за Министерството за одбрана за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО и во тие рамки опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника, односно лесни оклопни возила на тркала, што како проект е предвидено да се реализира во периодот од 2019 – 2027 година.