Во амбарите на земјоделците од Кочанско од ланската реколта има останато повеќе од 5.000 тони неоткупена арпа, па нагласуваат дури и дека ќе нема простор за складирање на годинашната жетва, објавува „Нова Македонија“.
Големото количество неоткупена арпа се должи на ниската откупна цена што ја нудат откупувачите. За предизвикот да биде уште поголем, со новата жетва и зголемувањето на обемот на количествата арпа, заедно со ланските, од Националната мрежа на земјоделци стравуваат дека цената на нивниот производ уште повеќе ќе се намали, при што продажбата на оризот и оризовата арпа ќе стане целосно неисплатлива.
Во моментот килограм арпа се продава од 30 до 32 денара.
Таа цена, како што нагласуваат од Националната мрежа на земјоделци, за оризопроизводителите е неодржлива, при што производството им го прави нерентабилно.
Соговорниците на “Нова Македонија“ од Националната мрежа на земјоделци одговорно тврдат дека откупувачите не го испочитувале договорот, при што тврдат дека не е откупен ниту еден килограм ориз.
Земјоделците бараат средба со министерот, на која би го отвориле за нив клучното прашање: формирање нова производствена цена за оризовата арпа односно оризот.