Нашите граѓани заслужуваат да бидат членки на ЕУ за да имаат подобра иднина. Како Влада се обврзавме дека ќе ги спроведеме неопходните реформи што ги имаме пред нас. Нашиот пат кон ЕУ е многу тежок.
Ова го изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт – Александар Николоски во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“.
Посочува дека како Влада веруваат во европските вредности и затоа се борат да ги обединат своите граѓани со останатите од Европската унија
– Ова што го прави Бугарија, ставајќи вето на нашите пристапни преговори е неоправдано. Не е во согласност со европските вредности. Имаме јасна цел и веруваме дека еден ден ќе бидеме рамноправни со повеќето земји во Европа, вели Николоски.
Во интервјуто под наслов „Сакаме поблиска соработка“, освен за ЕУ перспективата на земјава, говори и за интерконекторот за природен гас со Грција, за железничката мрежа, за договорот со Бугарија за Коридорот 8, но и порачува дека регионот треба да дејствува заедно, а не секоја земја поединечно.